Властите и претставниците на бројни земји и меѓународни организации го осудија денешниот бомбашки напад што се случи на прометната улица Истиклал во Истанбул и испратија пораки за поддршка на Република Турција и нејзиниот народ и раководството.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев истакна дека неговата земја е длабоко шокирана од веста за експлозијата во Истанбул.

-Изразувам длабоко сочувство до семејствата и најблиските на загинатите и до братскиот народ на Турција и посакувам оздравување на повредените – рече Алиев.

И шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека е длабоко шокиран од веста за денешната експлозија во срцето на Истанбул.

– Нашите мисли се со жртвите и сите оние кои ги загубија своите најблиски. Ние стоиме покрај Турција – порача тој на Твитер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави слична порака на својот Твитер профил. – Болката на пријателскиот турски народ е и наша болка – изјави Зеленски.

Порака со сочувство до семејствата на загинатите и турскиот народ упати и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендароски.

-Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и нивните најблиски. Искрени желби за брзо закрепнување на повредените – рече Пендаровски.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата е солидарна со својот сојузник Турција. И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, испрати порака со сочувство и изјави дека Европската унија е со Турција и нејзиниот народ во овие тажни моменти. – Шокантни слики од Истанбул. Моите мисли и најдлабоко сочувство до сите засегнати и до турскиот народ. НАТО се солидаризира со нашиот сојузник Турција – рече Столтенберг.

Свое сочувство изразија и министрите и министерствата за надворешни работи на Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Германија, Индија, Словенија, Пакистан и Грција и испратија пораки на солидарност со жртвите. Пораки со сочувство и поддршка за Република Турција најавија и американскиот амбасадор во Анкара Џеф Флејк и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Анкара Николаус Мајер-Ландрут.

Силна експлозија одекна попладнево во прометната улица Истиклал во Истанбул, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека сите одговорни за тој гнасен напад ќе бидат пронајдени и кривично гонети. Ердоган рече дека најмалку шест лица загинале во експлозијата, од кои четири на местото на експлозијата, а уште две жртви починале во болница. Повредени се уште најмалку 53 лица, а Ердоган рече дека е рано да се каже со сигурност, но дека врз основа на првите информации од терен, разумно е да се сомнева дека се работи за терористички чин.