China Electronics Technology Group Corporation, кинеска компанија позната како CETC, го претстави своето ново беспилотно летало на меѓународната аерокосмичка изложба Zhuhai Airshow 2022, според Clash Report.
Новиот дрон, претставен на најголемиот саем за оружје во Кина, има дизајн кој е неверојатно сличен на дизајнот на легендарниот турски дрон Bayraktar TB2. Лево на насловната фотографија е кинески дрон, додека од десната страна турски дрон. Презентираниот модел на кинескиот дрон целосно ги повторува уникатните технички решенија на турскиот дрон. Има монокок дизајн кој интегрира инверзна структура со V-опашка. Моторот исто така се наоѓа помеѓу стрелите на опашката. Дури и положбата на доводот за воздух на моторот е целосно идентична со турскиот оригинал. Clash Report саркастично напиша во објава на Твитер: „Ако не можете да ги победите, копирајте ги“.
Во 2021 година, CETC стана трета по големина компанија за електроника и ИТ во Кина. Компанијата произведува и електронски делови за радари, проектили, компоненти за сателити во мрежата BeiDou, полупроводници, антени за безжична инфраструктура како и опрема за технологија за автономно возење. Bayraktar TB2 е тактичко беспилотно летало со средна височина и долг дострел. Заеднички е развиен од Бајкар Макине и Кале Груп. Овој дрон е гордост на турскиот арсенал и веќе се докажа преку илјадници часови лет во реални борбени услови од Северна Африка, Нагорно-Карабах до Украина. Турција забрзано развива други модели на беспилотни летала со различни големини и намени и сега е на самиот врв во индустријата за воени беспилотни летала.









