Меѓународната фудбалска федерација ФИФА и забрани на данската фудбалска репрезентација да носи маици со натпис „човекови права за сите“ на тренинзите за време на Светското првенство. Потсетуваме, Данска е една од земјите која најмногу се противеше на Катар да му се даде честа да ја организира најголемата фудбалска изложба, пред се поради наводното непочитување на човековите права во оваа земја.

Имаше дури и договор со спонзорите на данскиот фудбалски сојуз да се остави малку простор на дресовите за да се испрати порака за политиката на Катар, но ФИФА не го одобри, велејќи дека се забранети какви било политички пораки. Во пресрет на Мундијалот не престанува да се зборува за разни други работи кои немаат врска со самиот фудбал. Најголема прашина крена изјавата на амбасадорот на Мундијалот Калид бин Салман за присутните хомосексуалци во Катар за време на Мундијалот кога оваа популација ја нарече „болна“. Состојба имаше и со правата на работниците кои работеа на изградбата на стадионот, кои беа третирани крајно понижувачки.

Според многумина, нè очекува најтурбулентното Светско првенство, а ќе започне на 20 ноември кога домаќинот Катар ќе се сретне со селекцијата на Еквадор.