Русија го прекина учеството во договорот за извоз на украинско жито, по нападот врз нејзината црноморска флота, објави во саботата Министерството за одбрана на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана на Руската Федерација соопшти дека одлуката е донесена „поради неодамнешните настани поврзани со терористичките напади врз бродови на Црноморската флота“. На 22 јули Турција, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше суспендиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални лица од трите земји и ОН кои ги надгледуваат пратките. Страните преговараа за можно продолжување и проширување по крајниот рок од 19 ноември за да го вклучи и рускиот извоз на жито и ѓубрива. Во саботата Русија ја обвини Велика Британија дека и помага на Украина да планира напад со беспилотни летала врз руската Црноморска флота во кримското пристаниште Севастопол. Британското Министерство за одбрана ги отфрли овие наводи.
Anadolu Agency










