Туркије денеска го осуди критицизмот на Соединетите Американски Држави (САД) кон Саудиска Арабија поради одлуката на ОПЕК + за намалување на производството на нафта, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи на прес-конференција во јужната турска област Мерсин, министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, ги нарече критиките на САД кон Саудиска Арабија „малтретирање“.

„Гледаме дека една земја [САД] ѝ се заканува на Саудиска Арабија, и ова малтретирање не е во ред“, рече тој.

„Треба да се укинат санкциите доколку светот сака да се намалат цените на нафтата“, рече шефот на турската дипломатија, додавајќи дека проблемот не може да се реши со „закани кон една земја [Саудиска Арабија]“.

„На целиот свет му се потребни нафтата и природниот гас од Венецуела. Исто така, има ембарго на иранската нафта… Ако сакате да се намалат цените на нафтата, укинете ги санкциите“, порача Чавушоглу.

На 5 октомври, Саудиска Арабија, која претседава со ОПЕК +, гласаше за намалување на производството на нафта за околу 2 милиони барели дневно, за што Белата куќа тврди дека не само што Саудиска Арабија ја дала својата поддршка, туку и дека посветено работи задкулисно да осигура и негово имплементирање од страна на Блокот, вршејќи притисок врз другите земји да се согласат за тоа.

Американскиот претседател Џо Бајден гласно го критикуваше Кралството и предупреди на претстојни последици, но не ја откри нивната природа.

Намалувањето на производството доаѓа речиси еден месец пред средномандатните избори во САД, на кои се чини дека Демократите се во опасност од загуба бидејќи повисоките цени на бензинот во земјата со неконтролирана инфлација нема да ги зајакнат нивните перспективи на изборите.