Повеќе од месец и половина владата се обидува да купи гас и струја од земјите од регионот, во услови на енормно високи цени на светските берзи. Посетите на Србија, Бугарија и Турција засега не вродија со плод, обезбеден е само јаглен и мазут од Грција.

Премиерот, министри, претседателот на државата во изминативе 47 дена посетуваат земји од регионот во потрага по енергенси и струја во ек на енергетска криза, оти државата нема доволно струја, ниту, пак, енергенси за да ја произведе за да може да ја задоволи потрошувачката во земјата.

Земјата би можела да произведе доволно струја за граѓаните и малите фирми, но не и за големиот бизнис, кој набавува струја на слободниот пазар.

Владини делегации беа во Србија, Бугарија, Грција и Турција, но засега е договорен само увоз на јаглен и мазут од Грција.

Владата цело време уверува дека рестрикции на струја нема да има, и дека жителите на главниот град ќе имаат парно.

Годинава во погон се ставени сите државни капацитети за производство на струја, дури и оние заборавени со години, оти се големи загадувачи, но со тоа треба да се обезбеди струја за граѓаните и за околу 70 илјади компании кои се на регулираниот пазар на струја.

Големите компании, кои се на слободниот пазар, бараат помош од државата за да не го запрат производството. Тие се жалат дека струјата на берзите е до 10 пати поскапа од лани и оти не можат да издржат да плаќаат толку високи сметки. Ако не им помогне државата предупредија дека од 7000 до 9000 луѓе ќе останат без работа.

Повеќе на РСЕ