Иран ги осуди новите санкции наметнати од Европската унија кон иранските функционери и институции, најавувајќи одмазда, јавува Anadolu Agency (AA). Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани, санкциите на ЕУ ги нарече кршење на меѓународното право и јасен пример за мешање во внатрешните работи на Иран. „Жално е што одредени политички мотиви, како и потпирањето на неосновани, искривени информации и измислени тврдења на непријателите на иранската нација и познатите медиуми поврзани со нив, се основата на таквата погрешна и неконструктивна одлука“, рече Канаани. .

Тој додаде дека новите санкции се показател за продолжување на пристрасниот пристап и искористувањето на човековите права како алатка за постигнување политички цели. „Иран веќе верува дека Европската унија и нејзините членки ги кршат човековите права поради нивното недејствување и соработка во однос на незаконските санкции на Соединетите Американски Држави“, рече тој. Тој најави дека, како одговор, Иран наскоро ќе воведе реципрочни санкции за релевантни европски поединци и институции.

Во понеделникот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ беше одлучено да се воведат санкции против 11 физички лица и четири субјекти за задушување на протестите во таа земја поради смртта на Махса Амини во полициски притвор. Санкциите се насочени кон иранската морална полиција и двајца нејзини службеници, како и локалните раководители на иранските сили за спроведување на законот, како и Иса Зарепур, министерот за информатичка и комуникациска технологија.