Фудбалерот на Реал Мадрид и францускиот репрезентативец Карим Бензема е добитник на Златната топка, годишната награда за најдобар фудбалер во светот што ја доделува францускиот магазин „Франс Фудбал“, јавува Anadolu Agency (AA).

Во театарот Шателер во Париз се одржа 66-тото доделување на Златната топка, а наградата ја доби најголемиот фаворит Бензема, кој минатата сезона со Реал Мадрид ги освои Лигата на шампионите и шпанската Ла Лига. Тој беше најдобар стрелец и играч на Реал Мадрид во походот кон европските и шпанските шампионски титули со 50 постигнати голови во сезоната, од кои 15 во Лигата на шампионите.

Наградата му ја врачи Зинедин Зидан. Бензема зад себе ги остави второпласираниот Кевин де Бруин (Манчестер Сити) и третопласираниот Садио Мане (Баерн Минхен/Ливерпул). Фудбалерот на Барселона и шпански репрезентативец Алексија Путелас ја освои „Златната топка“ за најдобар играч на светот.

Фудбалерот на Баерн и репрезентативец на Сенегал, Садио Мане е добитник на наградата „Сократ“ која годинава се доделува за првпат за социјално залагање на фудбалерите. Наградата го носи името на легендата на бразилскиот фудбал, доктор, филозоф и активист кој почина во 2011 година. Шпанскиот репрезентативец и фудбалер на Барселона Гави го освои трофејот Копа кој се доделува на најдобриот млад фудбалер во светот.

Роберт Левандовски, Полјакот кој настапува за Барселона, ја доби наградата „Герд Милер“ за најдобар стрелец во светот.

Наградата за најдобар голман ја освои Белгиецот Тибо Куртоа, чуварот на мрежата на Реал Мадрид.

Англискиот Манчестер Сити е прогласен за најдобар клуб во светот во изминатата година.

Кај фудбалерите од регионот најдобар беше соиграчот на Бензема од Реал и хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ, кој на крајот го зазеде деветото место на листата на најдобри фудбалери во светот во изборот на француски магазин.

По 16 години Меси и Кристијано Роналдо не влегоа во првите десет фудбалери во изборот за Златна топка.