Денес  вооружените сили на 14 членки на НАТО алијансата почнаа вежба за одбрана на своите територии со нуклеарно оружје, пренесува dpa. Во вежбата „Постојано пладне“ учествуваат до 60 авиони, вклучително и борбени и оние за набљудување и полнење гориво, како и американски бомбардери со долг дострел Б-52 кои ќе пристигнат од Северна Дакота, соопшти НАТО.

Вежбата се одржува над домаќинот Белгија, Северното Море и Обединетото Кралство и не се користи боева муниција, нагласи НАТО. „Постојано пладне“ е „рутинска, годишна вежба која не е поврзана со актуелните светски настани“, се вели во соопштението на Алијансата. Секоја година домаќин е друга членка на НАТО, објасни портпаролката Оана Лунгеску. „Оваа вежба помага да се осигура дека нуклеарното одвраќање на алијансата останува безбедно и ефективно“, рече Лунгеску.

Според правилата на НАТО алијансата за нуклеарно оружје, американските бомби стационирани во Европа можат да ги користат и сојузничките авиони во вонредни случаи. САД имаат нуклеарни бомби стационирани во Белгија, Турција, Холандија и Германија, пишува dpa, нагласувајќи дека тоа е неофицијална информација што Алијансата не ја потврдила.