Првите руски војници на новата заедничка воена група на Москва и Минск пристигнаа во Белорусија, објавија во саботата локалните власти, по овонеделната најава за формирање сили кои треба да ги бранат границите на земјата од украинската закана. „Првите возови со руски војници кои ја сочинуваат регионалната воена група пристигнаа во Белорусија“, соопшти Министерството за одбрана на Белорусија, кое не го прецизира бројот на руски војници.

Министерството објави фотографии од воени возови и камиони, како и од руски војници кои ги пречекаа жените во традиционални носии, нудејќи им леб и сол според традицијата. Белорускиот претседател Александар Лукашенко во понеделникот ги обвини Полска, Литванија и Украина дека подготвуваат „терористички“ напади и „бунт“ во Белорусија и најави распоредување на регионална воена група.

Минск тврди дека се работи за чисто одбранбена формација чија цел е обезбедување на границата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека Москва сака да ја вовлече Белорусија во војна и повика на меѓународна набљудувачка мисија на границата меѓу Украина и Белорусија. Повеќе вести доаѓаат од Белорусија. Имено, локалната активистичка организација „Проект Хајун“ објави дека Русите во Белорусија го донеле системот „Искандер“ кој може да истрела балистичка ракета со краток и среден дострел со нуклеарна боева глава и дека претходно ги обучувале борбените авиони на Лукашенко да носат нуклеарно оружје.

Руското Министерство за надворешни работи набрзо потврди дека искандерите навистина пристигнуваат во Белорусија, како и дека планираат технички да ги опремат белоруските борбени авиони Су-25 за носење нуклеарно оружје, пишува Јутарњи.хр. Меѓутоа, Русите истовремено тврдат дека нема да ја снабдат белоруската армија со нуклеарно оружје, ниту ќе им ја дадат потребната технологија за напад. Да потсетиме, Лукашенко во јуни побара од Путин да ги обучи неговите борбени авиони да носат нуклеарно оружје, а во август потврди дека тоа е направено.