Туркије веќе има капацитет да биде енергетски центар за природен гас што се испраќа кон Европа, како што предложи рускиот претседател претходно оваа недела, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).

Туркије е спремна да стане „енергетски центар за одредување на цените на гасот“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот катарски колега Мухамед бин Абдулрахман ал Тани во Истанбул.

„Проектот што би ја направил Туркије енергетски центар изискува дополнителни инвестиции кои треба да се разгледаат“, додаде тој.

На маргините на состанокот во Казахстан оваа недела, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин говореа за начините за заедничка соработка на двете земји за изградба на центар за природен гас во подрачјето на Тракија во Туркије.

Чавушоглу рече: „[Путин] истакна дека испораката на гас од Русија до европските земји кои сакаат да купат [гас] може да се врши преку Туркије. Тој сака Туркије да биде центар долж овие линии.“

Осврнувајќи се на минатомесечните истекувања од руските гасоводи „Северен тек“, за кои „вината“ се стави на саботажа, Чавушоглу рече дека Путин повеќе не го гледа гасоводот како „безбедна рута“.

Истакнувајќи дека Туркије сака да се надмине енергетската криза во Европа, турскиот министер рече дека слабеењето на Европа е против интересите на Туркије.

Во врска со војната во Украина, по минатонеделниот напад на Керченскиот Мост (Кримски мост) и руските воздушни напади врз украинските градови што уследија потоа, Чавушоглу рече дека средбата меѓу лидерите на Русија и Украина во блиска иднина не изгледа можна.

Прашан за најновите преговори за нормализација на односите меѓу Туркије и Ерменија, Чавушоглу истакна дека двете земји се согласиле да бидат домаќини на идни разговори на сопствена територија, наместо во трети земји, како што беше практикувано претходно.

– Посилни односите помеѓу Туркије и Катар –

Од своја страна, катарскиот министер за надворешни работи, Ал Тани, рече дека денешните билатерални разговори имале конструктивни резултати, на кои двете страни се согласиле да ги зајакнат билатералните односи, особено на полето на економијата, инвестициите и трговијата.

Ал Тани, исто така, рече дека и Катар и Туркије се согласиле да ги консолидираат културните и хуманитарните односи меѓу народите на двете земји.

„Во разговорите беа разгледани и многу меѓународни прашања“, рече тој, нагласувајќи колку ставовите на двете земји се совпаѓаат.

Ал Тани рече дека тема на разговорите била и Руско-украинската војна, и ја пофали турската дипломатска улога, особено во „постигнувањето стабилност, посебно во секторот за храна и житарици, како и за потпишаниот договор“ во Истанбул овој јули за деблокирање на украинскиот извоз на жито и олеснување на светската криза со храна.

Ал Тани, исто така, се заблагодари на Туркије за нејзината улога во унапредувањето на стабилноста во Авганистан и обезбедувањето хуманитарна помош за олеснување на маката на авганистанскиот народ, како и за повикот на талибанската администрација во земјата да ги почитува правата на сите групи.

Во врска со вчерашната вест дека ривалските палестински фракции кои се состанаа во Алжир потпишале договор за помирување, Ал Тани рече: „Катар ја поздравува оваа најава и нејзините резултати, и се надеваме дека овие резултати и позитивни чекори ќе помогнат да се стави крај на состојбата на поделби која во голема мера влијаеше на палестинската кауза.“

Катарскиот министер ги осуди „израелските ескалации што се случуваат на дневна основа на Западниот Брег и упадите во Џамијата „Ал Акса““.

Тој понатаму ѝ се заблагодари на Туркије и за поддршката на Катар во подготовките за претстојното Светско првенство на ФИФА.

Турски војници ќе се испратат во Катар за да се осигура безбедноста за време на фудбалското натпреварување во ноември и декември.

„Постои континуирана соработка меѓу сите страни во Катар и братска Република Туркије за успехот на ова натпреварување, и со нетрпение очекуваме да бидеме домаќини на светот за два месеци отсега“, додаде катарскиот министер.