Француското претседателство го отфрли предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за изградба на нов гасен центар во Турција за снабдување на Европа, велејќи дека тоа „нема смисла“, пренесе АФП. „Нема смисла да се создаваат нови инфраструктури кои ќе овозможат увоз на повеќе руски гас“, соопштено е од страна на француското претседателството.

Путин му ја претстави понудата на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган на средба лице в лице во Казахстан утринава. „Денес Турција се покажа како најсигурна рута за испорака, дури и до Европа“, рече тогаш рускиот лидер. „Би можеле да ја разгледаме можноста за создавање центар за гас во Турција за снабдување на други земји. Испораките за Европа, која е силно зависна од рускиот гас, се нарушени поради заладените односи. Западот го обвинува Путин дека се обидува да ја уценува Европа со прекинување на испораката на гас и создавање протекување во клучните цевководи, што Москва го негира.

Европа се обидува, досега главно неуспешно, да се одвикне од рускиот гас, чиј недостиг предизвика скок на цените на енергијата на континентот. Француското претседателство укажа на падот на увозот на руски гас во Европа од речиси 40 отсто пред неколку месеци на 7,5 отсто денес. „Веројатно ќе падне уште повеќе“, додаваат од Париз. „Русија и Турција можат заеднички да одлучат да извезуваат повеќе гас, но тоа не може да биде кон Европската Унија, која има обврски кон суверенитетот, намалување на зависноста од Русија и кон климатската транзиција“, велат од Елисејската палата.