Србија го ризикува сопствениот безвизен режим со ЕУ доколку не го намали протокот на мигранти од трети земји кои патуваат без визи на нејзината територија, а потоа кон ЕУ, тврдат европски дипломатски извори пред состанокот на министрите за внатрешни работи во Луксембург.
„Очекувам Србија и другите во регионот да соработуваат и да се усогласат со визната политика на ЕУ. Започнувањето на суспензија на безвизниот режим не е исклучено како опција, но се надевам пред се на добра соработка“, изјави во Луксембург еврокомесарката за внатрешни работи Јилва Јохансон, пренесе РТС.
Министрите за внатрешни работи денеска ќе разговараат за мерките за одговор на значителното зголемување на приливот на мигранти кои влегуваат во земјите на ЕУ преку Западен Балкан. Приливот на мигранти во 2022 година е повеќекратно зголемен во однос на минатата година, а како посебен проблем земјите-членки го истакнуваат безвизниот режим што Србија го има со некои земји од Азија, Африка и Јужна Америка, чии граѓани слободно патуваат во Србија и потоа во земјите на ЕУ. Дипломатски извори наведуваат дека сличен проблем постои и со визната политика на Албанија.
На овој начин, оваа година повеќекратно е зголемен бројот на државјани на Индија, Бурунди, Тунис и Куба кои аплицираат за азил во земјите на ЕУ. Според податоците доставени од медиумите, бројот на државјани на Индија и Куба кои влегуваат во ЕУ преку Западен Балкан е зголемен за речиси десет пати во однос на минатата година. Џилва Јохансон истакна дека во Австрија е забележан голем прилив на Индијци, додека во Белгија значително се зголемил бројот на државјани на Бурунди.
„Трендовите се загрижувачки. Ќе треба да го решиме проблемот со зајакнување на надворешните граници и дополнително вклучување на агенцијата Фронтекс. Ќе ги контактираме сите партнери од Западен Балкан за да обезбедиме усогласување на визните политики“. Еврокомесарот за внатрешни работи најави серија средби со претставниците на земјите од Западен Балкан во следните недели во Берлин, Прага и Тирана.
Извор:Нултаточка









