Светот е пообединет и порешителен по гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации со кое се осудува руската нелегална анексија на украинските региони, а за усвојување на резолуцијата гласаа 143 земји, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
– Осум месеци по војната, светот штотуку покажа дека е пообединет и порешителен од кога било да ја смета Русија одговорна за прекршувањата. Заедно со Генералното собрание на ОН, нема да толерираме нелегални обиди за анексија или насилна кражба на соседна земја – рече Бајден. Како што рече, влогот во овој конфликт секому е јасен, а како одговор светот испрати јасна порака: – Русија не може да избрише суверена држава од картата.
– Русија не може со сила да ги менува границите. Русија не може да бара територија на друга земја како своја. Украина ги има истите права како и секоја друга суверена држава. Таа мора да биде способна да ја избере својата иднина, а нејзиниот народ мора да биде способен да живее мирно во нивните меѓународно признати граници – додаде Бајден. Гласањето на Генералното собрание од 193 члена дојде откако светската организација свика итна седница во понеделникот на која се расправа за нелегалните референдуми за руската анексија на делови од источна Украина, Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.
Пет земји гласаа против резолуцијата: Русија, Венецуела, Северна Кореја, Белорусија и Сирија, додека 33 земји беа воздржани, вклучувајќи ги Кина и Индија. Резолуцијата на Генералното собрание на ОН ги повикува сите држави и меѓународни организации да не признаваат каква било промена во статусот на четирите региони во источна Украина и бара Русија веднаш и безусловно да ги повлече своите одлуки.








