Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека во западните земји расте загриженоста за енергетската и прехранбената криза и додаде дека Турција нема таков проблем. – Со претстојната зимска сезона, на Запад расте грижата за енергија и храна. Ние немаме таква загриженост – рече Ердоган на средбата во турската престолнина Анкара.
За време на минатонеделната посета на чешкиот главен град Прага, каде што присуствуваше на европски самит, Ердоган рече дека многу водачи му ги кажале нивните планови да ја преживеат зимата. – Ја послушав нивната загриженост. Лидерите мислеа само на дадениот момент. За жал, тие не го оценија рационално развојот на настаните меѓу Русија и Украина – рече тој. Ердоган додаде дека милиони луѓе од Африка до Азија се соочуваат со тешкотии во добивањето основна храна. Тој нагласи дека повеќе од седум милиони тони украинско жито се испратени на светските пазари преку Турција откако со јулскиот договор беше отворен поморскиот коридор на Црното Море. На 22 јули Турција, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море кои беа блокирани од почетокот на руско-украинската војна.










