Од над 86.000 дозволи за престој и работа на странци во Хрватска, издадени до крајот на август годинава, најголем дел се издадени на државјани на Босна и Херцеговина, а потоа следат државјани на Србија и Северна Македонија, Непал и Косово.
Од овогодинешните 86.032 издадени дозволи за престој и работа, 53.544 се издадени за нови вработувања, 16.413 за продолжување на одобренијата и 16.075 за сезонски работници. Според професијата, странците се најбарани во Хрватска во градежништвото (33.501 дозволи), туризмот и угостителството (28.191), индустријата (10.916), транспортот и врските (4.419) и земјоделството и риболовот (1.866). Од наведените дозволи, најмалку биле за сезонски работници, а најмногу за нови вработувања, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска.
Станува збор за странци од т.н трети земји кои не се државјани на земјите членки на Европската унија, Лихтенштајн, Норвешка, Исланд или Швајцарија. Според податоците на МУП, до почетокот на октомври постојан престој или долготраен престој во Хрватска одобриле 10.316 државјани на трети земји, а валиден привремен престој имале 96.526.
Најмногу дозволи за престој и работа се издадени на државјани на Босна и Херцеговина 26.166, Србија 15.030, Северна Македонија 8.079, Непал 7.994 и Косово 6.028. Од МУП потсетуваат дека до 1 јануари минатата година дозволите за престој и работа се издаваа на државјани на трети земји врз основа на владината одлука за годишната квота. Но, со новиот Закон за странци се пропишува Владата повеќе да не донесува одлука за утврдување на годишна квота на дозволи за вработување на странци, туку дозволи за престој и работа може да се издаваат врз основа на мислење на хрватската служба за вработување. .
Заводот за вработување прво треба да утврди дали може да се најдат работници на домашниот пазар на труд. Во случај да не се најде домашна работна сила, работодавачот поднесува барање за издавање на дозвола за престој и работа за одреден странец, а Хрватската служба за вработување врз основа на поднесеното барање дава мислење дали работодавачот ги исполнува услови за вработување странска работна сила.








