Олимпискиот комитет на Азија (ОЦА) одлучи Саудиска Арабија да биде домаќин на Азиските Зимски игри во 2029 година. И како да се организираат зимски спортови среде пустина? Саудиска Арабија ќе го гради Неом – футуристички мегаполис на северозападот на земјата. „Пустините и планините на Саудиска Арабија наскоро ќе станат терен за зимски спортови“, соопшти ОЦА, додавајќи дека одлуката била донесена едногласно на седницата на генералното собрание во главниот град на Камбоџа, Пном Пен.
Проектот „Неом“, кој се наоѓа на брегот на Црвеното Море, го води саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, а неговата изградба ќе чини неколку стотици милијарди долари, иако архитектите и економистите се сомневаат дека таков проект ќе биде остварлив. Според планот на саудиските власти, Азиските Зимски игри ќе се одржат во Тројана, планински сектор на Неом каде што температурата ќе се спушти под нула степени за време на Игрите, а каде температурите генерално се под 10 степени во текот на годината.
Тројена, која треба да биде завршена во 2026 година, ќе вклучува скијачки патеки, вештачко езеро, кабини, вили и луксузни хотели. Директорот на Неом, Надми ал-Наср, рече дека Тројана ќе биде опремена со „соодветна инфраструктура за да создаде зимска атмосфера среде пустина и ќе ги направи Зимските игри светски настан без преседан“. Азиските Зимски игри опфаќаат натпревари во скијање, сноуборд, хокеј на мраз, уметничко лизгање, во вкупно 47 спортови, од кои 28 се на снег и 19 на мраз.









