Зголемувањето на цените на струјата и природниот гас во Белгија ги доведе пекарниците во тешка ситуација, принудувајќи некои да ги затворат вратите бидејќи повеќе не можат да ги платат сметките. Како енергетски интензивен сектор, пекарите ги одржуваат рерните вклучени многу часови без застанување, што значи голема потрошувачка на гас и електрична енергија.

Цените на природниот гас во Белгија неодамна се зголемија за осум пати, заедно со цените на брашното кои се удвоија, додека цените на маслото за јадење се зголемија за четири пати, пишува Anadolu Agency. Пекарата „Димон“, по речиси 20 години работа, реши да стави катанец на вратата откако објави дека сметката за енергија пораснала од 1.342 евра, што беше на почетокот на 2021 година, на 1.860 евра на почетокот на 2022 година, за да достигне во септември неверојатни 11.836 евра.

Пекарот со 30-годишно искуство Адам Езел вели дека најголем проблем во овој сектор е скокот на цената на струјата и природниот гас. – Сметката за гас од 1.400 евра скокна на 10.800 евра, а со сметката за струја од околу 2.800 евра и други давачки сето тоа изнесува вкупно 15.000 евра, што е многу голема сума, рече тој. Тој додаде дека цената на тон брашно се зголемила од 450 на 850 евра, а маслото за јадење од 0,9 на 4,0 евра.

Според него, многу пекари не можат да ги платат долговите кон веледрогериите, па сопствениците решиле да ги затворат, бидејќи под овие услови нема да можат да останат отворени повеќе од две-три години. Многу белгиски пекари кои сè уште работат отпуштаат работници, го намалуваат производството и ги зголемуваат цените на производите, се наведува во текстот.