Европската Унија (ЕУ) го осуди најновото лансирање на балистичка ракета од Северна Кореја, што предизвика тревога во регионот додека ракетата леташе над Јапонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Силно го осудувам намерниот обид на Северна Кореја да ја загрози безбедноста во регионот со истрелување балистичка ракета над Јапонија“, напиша Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, на Твитер.
Мишел рече дека потегот на Пјонгјанг е „неоправдана агресија и очигледно кршење на меѓународното право“.
„ЕУ се солидаризира со Јапонија и Јужна Кореја“, нагласи тој.
Ова беше прв пат во последните пет години севернокорејска ракета да премине над Јапонија, што ја натера Владата да издаде предупредувања за жителите да се засолнат.
Ова беше петто лансирање ракета на Пјонгјанг за една недела, а зголемената активност наиде на широка меѓународна осуда во последните денови.
Се смета дека ескалацијата е одговор на заедничката воена вежба на САД, Јужна Кореја и Јапонија во Источното Море.
Дипломатската служба на ЕУ вчера соопшти дека „повторените и груби прекршувања на резолуциите на Советот за безбедност на ОН од страна на Северна Кореја го загрозуваат меѓународниот и регионалниот мир и безбедност“.
Набила Масрали, портпаролката на Блокот за надворешни работи, го повика Пјонгјанг „да го прекине лансирањето ракети, да се воздржи од нуклеарен тест и да одговори конструктивно на подготвеноста за дијалог“.









