Полскиот гасоводен оператор Газ-Систем објави дека природен гас денеска почна да тече низ новиот гасовод Baltic Pipe, јавува Anadolu Agency (AA).

Гасот тече од Норвешка, преку Данска, до Полска. Газ-Систем на Твитер објави дека ова е историски ден за енергетскиот сектор на Полска.

Гасоводот, кој има капацитет од десет милијарди кубни метри годишно, е важен елемент на стратегијата на Полска за диверзификација на увозот на енергија од Русија.

Транспортот на гас од Норвешка, заедно со снабдувањето преку терминалот ЛНГ, е од клучно значење за планот за енергетска безбедност на Полска. Во април пристапот на Полска до рускиот гас беше прекинат бидејќи одби да плати во рубли.

Проектот е започнат во соработка меѓу Газ-Система и данскиот систем за пренос на гас и електрична енергија Енерџинет. Балтичката цевка се состои од пет главни компоненти, вклучувајќи го Северноморскиот офшор гасовод, копнениот гасовод во Данска, компресорската станица во Данска, морскиот цевковод на Балтичкото море и копнениот гасовод на Полска.