Унгарија нема да ја поддржи предложената нова рунда санкции на Европската унија против Русија, доколку таа вклучува и енергетски санкции, изјави денеска Гергељ Гуљаш, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Унгарија веќе направи многу за одржување на европското единство, но ако пакетот вклучува енергетски санкции, ние не можеме и нема да го поддржиме. Ќе го чекаме конечниот, целосен список на санкции и потоа ќе можеме да преговараме за тоа. Унгарија не може да поддржи енергетски санкции – рече Гуљаш на брифингот со новинарите. Унгарската агенција МТИ јавува дека Гуљаш на брифингот рекол дека Владата смета дека е многу важно да се слушне мислењето на унгарските граѓани за санкциите против Русија, бидејќи тие се оние кои се соочуваат со последиците од тие мерки.
Тој додаде дека на вчерашната седница владата го усвоила предлогот на владејачката пратеничка група Фидес за покренување јавна анкета „Национални консултации“ за санкциите на ЕУ против Русија и оти прашањата ќе бидат објавени во следните неколку дена, а граѓаните ќе можат да поднесат одговори онлајн или по пошта.










