Со присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во средата во главниот град Анкара официјално беше отворена градската болница Етлик, со капацитет од повеќе од 4.000 кревети.

Тоа е втора градска болница што ја доби Анкара и вкупно 20-та во Турција. Болничкиот комплекс е изграден на парцела со површина од повеќе од еден милион квадратни метри, што ја прави најголемата болница во земјата. Комплексот во Анкара се состои од осум посебни болници, со вкупен капацитет од 4.050 кревети. Има и 1.000 поликлиники, 125 операциони сали, 691 кревет за интензивна нега и 3.359 сервисни кревети. Комплексот ќе има медицински хотел, универзитет, хелиодром и комерцијални зони.

– Со комбинирање на нашиот човечки капитал и технолошки способности на највисоко ниво, секоја градска болница ќе ја направиме национален и меѓународен бренд – изјави Ердоган за време на своето обраќање на церемонијата и додаде:

– Нема да застанеме додека не изградиме развиена Турција во која нашата младина нема да им завидува на другите земји. На свеченоста која се одржа во присуство на голем број граѓани, присуствуваа и потпретседателот на Турција Фуат Октај, бројни министри, претставници на институции, претставници на компанијата што ја изгради болницата и гости.

Извор:фактор.ба