Европската унија не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку Белград не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија, објавија социјалдемократите, втората по големина парламентарна група во Европскиот парламент.

Вака оваа група го коментира потпишувањето на консултативниот план од страна на министерствата за надворешни работи на Србија и Русија во Њујорк. „Многу разочарувачки од земја која претендира да се приклучи на ЕУ“, напиша социјалдемократскиот пратеник од Хрватска, Тонино Пицула.

Шефовите на дипломатијата на Русија, Сергеј Лавров и на Србија, Никола Селаковиќ во Њујорк го потпишаа Планот за консултации на министерствата за надворешни работи на двете земји за следните две години. Ова го осудија многу европски претставници, а американскиот амбасадор Кристофер Хил рече дека Америка очекува објаснување од Србија за тоа што потпишале Белград и Москва.