Кршејќи го меѓународното право, Грција испраќа оклопни возила на егејските острови кои имаат статус на демилитаризирани зони, известува Агенција Анадолија (АА).

На фотографиите што ги сподели турското Министерство за одбрана се забележува како десантни бродови испраќаат на островите Лезбос и Самос воени возила донирани од САД.

Според информациите добиени од безбедносни извори, беспилотни летала на Вооружените сили на Туркије, кои изведувале летови во Егејското Море, откриле движење и утврдиле два грчки десантни брода на пат кон Лезбос и Самос.

Притоа е откриено дека бродовите на Лезбос, кој има демилитаризиран статус, испорачале 23 тактички оклопни возила, а на Самос 18 тактички оклопни возила. Станува збор за оклопни возила што САД ги испратија во пристаништето Александруполис.

Безбедносни извори ги опишаа настаните на 18 и 21 септември како најсилен показател дека Грција продолжува да ги вооружува островите во близина на Туркије и го крши статусот на демилитаризирани подрачја.

Изворите ги оценија како неприфатливи овие агресивни акции на Грција, која е сојузничка во НАТО, и како спротивни на меѓународното право и духот на сојузништво.

Истакнувајќи дека Грција подолг период го крши невоениот статус на овие два острова и таму распоредува оружје, безбедносните извори истакнуваат дека со овие последни испораки на тактички оклопни возила на тркала, донирани од САД, Грција ги заменила некои од возилата на овие острови.

Изворот на информации потсети на напорите на Туркије да го реши проблемот во рамките на дијалогот и меѓународното право, како и на нејзините повици да се состанат со цел изнаоѓање решение.

„Фактот дека Грција дури и не доаѓа на состаноци и покрај сите повици и врши такви провокации, е јасен показател кој ја крева тензијата и кој се занимава со бескомпромисни, агресивни и противзаконски активности“, заклучи безбедносниот извор.