Европската унија мора сериозно да ги сфати заканите на Владимир Путин за употреба на нуклеарно оружје во Украина, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Тој за Би-Би-Си изјави дека војната дошла до „опасен момент“. Неговата изјава дојде во време кога Русија започна делумна мобилизација и се движи кон анексија на четири региони на Украина. Путин се соочи со неуспеси на бојното поле, а неговите сили беа потиснати за време на украинската контраофанзива. – Тоа секако е опасен момент бидејќи руската армија е турната во ќош, а реакцијата на Путин, заканата од нуклеарно оружје, е многу лоша – изјави Борел. Седум месеци од почетокот на руската инвазија на Украина, аналитичарите се согласуваат дека силите на претседателот Путин се исцрпени, но тој рече дека мора да се постигне „дипломатско решение“ кое ќе го „зачува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“. – Во спротивно, можеме да ја завршиме војната, но нема да имаме мир и ќе имаме уште една војна – рече тој.
Во реткото обраќање до нацијата претходно оваа недела, Путин рече дека неговата земја има „различно оружје за уништување“ и дека „ќе ги искористи сите расположливи средства“, додавајќи дека тој „не блефира“. „Кога луѓето велат дека тоа не е блеф, мора да ги сфатите сериозно“, рече Борел. Во истиот говор, Путин најави мобилизација на 300.000 Руси кои ја отслужиле својата задолжителна воена служба, што предизвика протести и извештаи за луѓе кои бегаат од земјата за да избегнат да бидат испратени во првите редови.
(Vijesti.ba / ФЕНА)









