НАТО распореди резервни војници во својата мисија на Косово наречена КФОР, објави во средата еден од командантите на мисијата, пред крајниот рок за воведување на регистарски таблички воведен од косовските власти, на кои се противат локалните Срби, пренесува Ројтерс.

Претходните обиди да се воведат регистерски таблички на северот на Косово, каде мнозинството е српско население, доведоа до судири меѓу полицијата и Србите кои поставија блокади на патиштата ова лето. Тие беа отстранети кога мировните сили на НАТО се вклучија во следењето на постапката, а косовските власти го продолжија рокот до 31 октомври. Како што се приближува тој датум, стравувањата од конфликт меѓу Косово и Србија се зголемуваат, повеќе од 20 години откако НАТО ја бомбардира Србија за да го запре насилството врз албанското мнозинство во Косово. „Како дел од нормалното планирање на распоредувањето на силите, има резерви обучени да дојдат овде“, им рече на новинарите во кампот Бондстил командантот на источниот сектор на КФОР, полковник Кристофер Самулски.

Околу 3.700 мировници на НАТО моментално се распоредени во поранешната српска покраина за да го спречат насилството меѓу етничките Албанци и Србите. Американскиот офицер не прецизираше колку дополнителни војници пристигнале на Косово, но спомна единица „со големина на баталјон“. Еден баталјон обично се состои од 500 до 1000 војници.