Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во интервју за PBS се осврна на војната во Украина, но и на неодамна одржаниот состанок на Шангајската организација за соработка, на кој учествуваше и Турција.

На прашањето дали, земајќи ја предвид контраофанзивата на Украинците, оваа земја во моментов има предност во војната, турскиот претседател одговори дека не може да заземе страна во оваа војна. „Како лидер, не ми е мило да ја разгледам оваа работа. Се што сакаме е да ставиме крај на оваа војна. Луѓето умираат, а на крајот од денот никој не победува.

Во Узбекистан се сретнав со претседателот Путин и имавме многу опсежни разговори. Всушност, тој ми докажа дека е подготвен да стави крај на ова што е можно поскоро. Тоа беше мојот впечаток. Мислам дека ќе направиме значаен чекор напред“, рекол Ердоган. После тоа, Ердоган се осврна на прашањето дали е во интерес на рускиот народ да убие стотици цивили во Украина. „Не умираат само Украинци, туку има и жртви на руска страна. Факт е дека тие извршија инвазија, но многу работи се случија пред да избие овој конфликт.

ОН мора што поскоро да донесат заклучоци, потоа ќе можеме да го изнесеме нашиот став“, нагласи тој. Во текот на разговорот Ердоган зборуваше и за тоа дали на Шведска и Финска ќе им биде дозволено да влезат во НАТО и дали овие земји имаат намера да ги исполнат турските барања. „Шведска беше лулка на тероризмот, а терористите се инфилтрираа се до парламентот. Во Стокхолм гледаме дека постојано демонстрираат. Финска, од друга страна, не е како Шведска. Помирни се и имаат контрола врз развојот на настаните“, рече турскиот претседател.

На крајот, Ердоган ја коментираше и посетата на турската делегација на Шангајската организација за соработка, која предизвика големи критики од Брисел. „Европската унија не кочи 52 години, не ни дозволуваат да се зближиме, а потоа прашуваат зошто се среќаваме со едниот или со другиот“, заклучил Ердоган, пренесува РИА Новости.