Западните земји ја осудија мобилизација во Русија што ја најави рускиот претседател Владимир Путин, но и плановите на Москва за одржување на вонредни референдуми во деловите на Украина кои во моментов се под руска контрола, за кои рекоа дека никогаш нема да ги признаат.

Најавата за делумна мобилизација во Русија наиде на критики во западните земји, кои предупредија дека таа треба да се сфати сериозно, но дека рускиот претседател Владимир Путин со тој потег покажува слабост.

Путин во неговиот денешен говор најави делумна мобилизација во земјата, што е прва руска воена мобилизација по Втората светска војна.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека мобилизацијата на Путин на илјадници дополнителни војници ќе го ескалира конфликтот и дека неговата закана за употреба на нуклеарно оружје е „опасна и непромислена реторика“.

Столтенберг додаде дека потезите на Путин покажуваат „дека војната не оди според неговите планови“ и дека е јасно оти рускиот претседател направил „голема погрешна проценка“.

Американскиот претседател Џо Бајден го обвини Путин за време на неговото обраќање во Обединетите нации, само неколку часа откако рускиот лидер драматично ги повика воените резервисти од неговата земја да се борат во Украина.

Бајден го обвини Путин за „бесрамно“ кршење на Повелбата на ОН и го критикуваше за прикриена закана за употреба на нуклеарно оружје, откако Путин рече дека неговото ветување дека ќе ги користи сите воени средства во Украина „не е блеф“.

Повеќе на РСЕ