Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини за енергетската криза на Европа санкциите воведени кон Русија поради нејзината инвазија на Украина – став заземен од самиот Кремљ.
Тој рече дека европските нации „го жнеат тоа што го посеале“ со воведување економски ограничувања на Русија, пренесе агенцијата Франс прес. „Односот на Европа кон господинот Путин, нејзините санкции, го доведоа г-дин Путин – сакајќи или не – до точка да каже: „Ако вие го направите ова, јас ќе го направам тоа.
И ги користат сите свои средства и оружје. Природниот гас е, за жал, еден од нив“, рече Ердоган. Во понеделникот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така ги обвини „санкциите наметнати против нашата земја“ за прекинот на руската испорака на гас за Германија преку гасоводот „Северен тек“. Песков во интервју за весникот „Известија“ изјави и дека меѓу Турција и Русија има разлики во мислењата, особено за Украина, но Турција несомнено е пријателска земја.
„Тоа е многу важен партнер за нас во однос на меѓународната политика, политичките прашања, трговската и економската соработка“, рече тој.
Нагласувајќи дека Турција не учествува во санкциите против Русија, Песков рече: „Турција не учествуваше во незаконските санкции против Русија и ја води својата суверена независна политика. Русија и Турција имаат огромен потенцијал за соработка за политички и економски прашања“.
„ПУТИН ЈА ПОФАЛИ ТУРЦИЈАТА ЗА НЕЈЗИНАТА УЛОГА ВО ДОГОВОРОТ за жито“
Наведувајќи дека има уште многу простор за целосно остварување на овој потенцијал, Песков рече дека Турција и Русија своите билатерални односи ги водат на принципите на взаемно почитување и корист. Песков додаде дека и рускиот претседател Владимир Путин ги пофалил посредничките напори на Турција во однос на Украина, вклучително и житото, пренесува турскиот медиум Ајдилик.










