Ова е само почетокот! 70.000 луѓе на улиците на Прага поради цените на енергијата и против ЕУ и НАТО

by Administrator

Околу 70.000 луѓе денеска излегоа на улиците на Прага да протестираат против владата, барајќи од владејачката коалиција да направи повеќе за да го контролира поскапувањето на енергенсите, а тие го кренаа гласот и против Европската унија и НАТО.

Организаторите на демонстрациите, кои доаѓаат од бројни десничарски групи и помали групи, вклучувајќи ја и Комунистичката партија, пренесоа дека Чешка треба да биде воено неутрална и треба да обезбеди директни контакти со снабдувачите со гас, вклучително и Русија, објави Ројтерс.

– Целта на нашите протести е барање промени, сакаме да се реши прашањето за цените на енергенсите, особено на струјата и гасот, бидејќи ако не се реши, ќе ја уништи нашата економија оваа есен – еден од организаторите Јиржи Хавел , изјави за веб-страницата iDNES.cz.

Премиерот Петр Фијала, кој ја предводи коалицијата составена од пет партии, изјави за „ЦТК њуз“ дека демонстрантите не ги имаат во срцата најдобрите интереси на земјата.

– Демонстрации на плоштадот Вацлав го организираа сили кои се проруски, блиски до екстремни ставови и работат против интересите на Чешка – изјави Фијала.

You may also like