Лидерот на италијанската десничарска партија Северна лига, Матео Салвини, вети дека ќе го признае Ерусалим за главен град на Израел и ќе ја пресели италијанската амбасада од Тел Авив доколку победи на претстојните избори. Како што пренесува Политико.

Салвини за израелскиот весник Хајом изјавил дека ќе го признае Ерусалим за главен град, додавајќи дека е „целосно посветен на народот на Израел“ и има намера да го одржи зборот. Тоа е комплексен проблем бидејќи и Израел и Палестина го сметаат Ерусалим за своја метропола. Повеќето земји во светот досега одбиваат да го коментираат ова прашање, нагласувајќи дека тоа е прашање кое бара пошироки преговори. Ова е причината зошто повеќето амбасади се наоѓаат во Тел Авив. Но, во 2018 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп одлучи да ја премести американската амбасада во Ерусалим, што предизвика жестоки критики и тврдења дека тоа само го поттикна конфликтот меѓу Израел и Палестина. Имаше и масовни протести во кои животот го загубија најмалку 58 Палестинци.

Во разговорот Салвини ја искористи приликата да го осуди антисемитизмот на левицата. Демократите во Италија се засрамени откако неколку нивни кандидати го доведоа во прашање правото на Израел да постои. Салвини ги окарактеризира овие изјави како „срамни навреди кон Израел и неговото право да се брани и да постои“. Лигата во моментов има рејтинг од околу 14 отсто, но е член на десничарската коалиција која се очекува да освои мнозинство во парламентот.

(ТБТ)