Рускиот претседател Владимир Путин во саботата потпиша указ со кој се воведуваат финансиски бенефиции за луѓето кои ја напуштаат украинската територија за да дојдат во Русија, вклучително и пензионери, бремени жени и лица со посебни потреби, пренесува Ројтерс.
Со уредбата, објавена на веб-страницата на владата, се утврдува месечна исплата на пензија во износ од 10.000 рубли (околу 180 evra) за луѓето кои биле принудени да ја напуштат територијата на Украина по 18 февруари. Истиот месечен надоместок ќе имаат и лицата со попреченост, а еднократен надоместок имаат бремените жени. Во декретот се наведува дека граѓаните на Украина и на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск, два отцепени ентитети во источна Украина поддржани од Русија, ќе добијат компензација.
Москва ги призна како независни региони во февруари, потег што го осудија Украина и Западот и се сметаше за незаконски. На 18 февруари Путин нареди на секој што ќе пристигне во Русија од Доњецк и Луганск да му бидат исплатени по 10.000 рубли. Москва им издава руски пасоши на Украинците, што според Украина и САД е нелегален обид на Москва да ја анектира територијата што ја окупирала. Русија тврди дека спроведува „специјална воена операција“ во Украина за да го заштити населението што зборува руски, за кое тврди дека е прогонувано од украинските власти, што Киев остро го негира.
