Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Анкара нема намера да заземе дел од сириската територија и покрај интензивирањето на нападите против курдските сили на северот на земјата разурната од војна.
Коментарите на Ердоган уследија еден ден откако турските воздушни напади врз сириската гранична позиција контролирана од владините сили, убија 17 борци. Групата за набљудување на војната, Сириската опсерваторија за човекови права, соопшти дека Курдите кои управувале со некои од сириските гранични премини и членовите на владините сили биле убиени во турските воздушни напади.
Сириската државна новинска агенција Сана јави дека се убиени тројца припадници на владините сили. Турција соопшти дека воздушните напади биле одговор на нападите врз нејзините позиции долж границата во кои загинаа двајца војници. Размената на оган претставува најголема ескалација откако Анкара и Дамаск разменија напади во 2020 година.
Изгледа дека Ердоган се обидува да ги намали тензиите во своите изјави за новинарите во авионот со кој се враќал од неговата прва посета на Украина разурната од војна. – Не гледаме на територијата на Сирија бидејќи луѓето во Сирија се наши браќа – ги цитираат турските медиуми зборовите на Ердоган. – Режимот мора да биде свесен за тоа – рече тој. Посетата на Ердоган на Украина дојде две недели откако тој отпатува во Сочи на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, кои ја допреа и Сирија.
Поддршката на Путин беше клучна за да му помогне на сирискиот претседател Башар ал-Асад да го преживее 11-годишниот конфликт против бунтовничките групи делумно поддржани од Турција. Ердоган рече дека му рекол на Путин дека сака поблиску да соработува со Русија во регионите на северна Сирија каде Анкара ги напаѓа Курдите што ги нарекува „терористи“, пренесува АФП. – Во контакт сме со Русија за секој чекор што го правиме во Сирија – рече Ердоган, пренесува Франс прес.
(Vijesti.ba / ФЕНА)









