Холандските земјоделци денеска продолжија да фрлаат ѓубриво и ѓубре на автопатите и да подметнуваат пожари покрај други патишта, во знак на протест против владините планови да ги намали емисиите на азот.
Сообраќајните власти соопштија дека рано утринава се целосно или делумно блокирани неколку патишта во централна и источна Холандија и дека итно се испратени противпожарни служби за да се овозможи сообраќајот, пренесува АП.

Последните демонстрации се случија еден ден откако посредникот назначен од владата, Јохан Ремкеш, испрати покани до организациите на земјоделците да разговараат со владејачката коалиција за начините за намалување на емисиите на азот. „Преговорите ги гледам како пресвртница: заеднички излез од ќорсокакот. Кабинетот ме убеди дека се можни заеднички решенија“, рече Ремкеш, пренесува АП.
Некои земјоделци го отфрлија назначувањето на Ремкеш за независен посредник, бидејќи тој е член на централно-десничарската политичка партија на премиерот Марк Руте и поранешен вицепремиер. Земјоделците се лути, бидејќи веруваат дека владината одлука за намалување на емисијата на азотни оксиди и амонијак ќе го уништи нивниот земјоделски начин на живот и тие ќе останат без работа, наведува АП.










