Демонстранти вчера  упаднаа во базата на Обединетите нации (ОН) во градот Гома во источно Конго, ограбувајќи вредни предмети и барајќи заминување на мировниците од регионот.

Стотици луѓе ги блокираа патиштата и извикуваа слогани против ОН пред да упаднат во седиштето на мировната мисија на Обединетите нации во Гома, важен трговски центар во провинцијата Северен Киву.

Демонстрантите кршеле прозорци и ограбиле компјутери, мебел и други вредни предмети од штабот, сведочел репортер на АФП, додека полицијата на ОН употребила солзавец во обид да ги врати назад.

Од уништеното седиште со хеликоптери биле пренесени неколку претставници на ОН. Демонстрантите упаднаа и во логистичката база на ОН на периферијата на градот, каде едно лице беше рането во ногата. Мировната мисија на ОН во Демократска Република Конго, позната како МОНУСКО, се соочува со редовни локални критики за нејзината согледана неспособност да ги прекине борбите на истокот на земјата.

Повеќе од 120 вооружени групи талкаат во нестабилниот регион, каде што се чести масовни масакри на цивили и раселени милиони луѓе.

Пред протестите во понеделникот, младинскиот огранок на владејачката партија УДПС во Гома објави соопштение во кое бара МОНУСКО „безусловно да се повлече од тлото на Конго бидејќи веќе ја докажа својата неспособност да не заштити“. Касим Дијањ, заменик специјален претставник на генералниот секретар на ОН во МОНУСКО, по протестите изјави дека „инцидентите во Гома не само што се неприфатливи, туку и целосно контрапродуктивни“, додавајќи дека мировниците се во регионот за да ги заштитат цивилите.

Тој исто така за АФП изјави дека луѓето кои влегле во базата биле „разбојници“.

Најостро ги осудуваме – рече тој.

Протестот доаѓа откако претседателот на Сенатот на Конго, Модесте Бахати, на 15 јули им рече на приврзаниците во Гома дека МОНУСКО треба да ги „спакува куферите“. Демонстрантите интервјуирани од АФП во понеделникот се чинеше дека се согласуваат со тој став.

Рекоа дека немаат сила да се борат со М23, што друго прават овде? – изјавил Шадрац Камбале, таксист, мислејќи на неодамна обновената милиција. По неколку години главно мирно, оваа група ги продолжи борбите во ноември минатата година. Оттогаш, бунтовниците постигнаа значителен напредок во источно Конго, вклучувајќи го и заземањето на градот Бунагана во Северен Киву на границата со Уганда. Санкара Бин, друг демонстрант, рече: Не сакаме да го гледаме MONUSCO како шета по улиците на Гома, не сакаме ни да ги видиме нивните авиони како летаат.

ОН првпат распоредија набљудувачка мисија во источно Конго во 1999 година. Таа стана мировна мисија МОНУСКО – Мисијата за стабилизација на Обединетите нации во Демократска Република Конго – во 2010 година, со мандат да спроведува офанзивни операции. Во моментов има околу 16.300 униформирани лица, а меѓу нив 230 загинале, според ОН.

Нулта точка / АФП