Стравовите се покажаа како неоправдани. Германија и ЕУ можат да здивнат – рускиот гас, како што вети „Газпром“, стартуваше утринава, по планираниот десетдневен ремонт, повторно во насока на жедната за енергија Германија преку гасоводот „Северен тек“. Со недели низ Европа кружи баук за можно руско „вртење на вентилот“, иако рускиот државен врв постојано повторуваше дека „Газпром“ ги исполнува сите свои обврски кон клиентите без исклучок. Единствен исклучок се оние кои одбиваат да платат за гас во рубљи по декретот на Путин за ова, издаден на почетокот на април годинава, а за кој испораките се прекинати (засега само Бугарија, Полска и Финска).

Веста за рестартирање на Северен тек ја потврди за германски dpa портпаролот на операторот на гасоводот – компанијата Норд стрим АГ, која е во мнозинска сопственост на Гаспром. Тој рече дека најновите количини за снабдување со гас се исти како оние што беа објавени пред периодот на одржување – околу 67 милиони кубни метри дневно – и одговараат на околу 40 проценти од максималниот капацитет за снабдување, како и дека е можно количините да промена во текот на денот, бидејќи е потребно одредено време за стабилизирање на протокот. Максималниот капацитет на овој клучен гасовод за снабдување со гас за Германија и одредени соседни земји е 55 милијарди м3 гас годишно, но никогаш не работи со полн капацитет, иако можеше, поради бариерите поставени од регулаторите на ЕУ во согласност со нивните директиви за гас итн.