Турскиот претседател Ердоган на вчерашната средба со рускиот и иранскиот претседател повторно предупреди дека Турција може да изврши напад врз Сирија, иако Владимир Путин и Ебрахим Раиси му дале до знаење дека тоа е нешто што дефинитивно се против.

Тројцата се сретнаа вчера во Иран како дел од т.н Мировниот процес во Астана кој започна пред неколку години со цел да се стави крај на војната во Сирија (која технички трае веќе 11 години). Во последниве месеци, Ердоган се закани дека ќе започне офанзива во северна Сирија, чија цел е да ги потисне курдските сили за да создадат „тампон зона“ широка 30 километри од турско-сириската граница.

На овој план се спротивставуваат двата главни сириски сојузници, Иран и Русија. Вчера Ердоган рече дека сака поголема помош од Русија и Иран, но нагласи дека Турција е способна сама „да ја продолжи борбата против терористичките организации во Сирија“. „Велите дека ја разбирате турската ситуација и јас сум ви благодарен за тоа. Но зборовите не ни се доволни“, рекол Ердоган, обраќајќи им се на Путин и Раиси.