Министерот за одбрана на Србија, Стефановиќ: „Aвион носеше производи на српската наменска индустрија во Бангладеш“

by Administrator

Министерот за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, на конференцијата за медиумите изјави дека авионот Антонов 12, што синоќа се урна во Грција, пренесувал 11,5 тони производи на српската наменска индустрија за Бангладеш, известува Агенција Анадолија (АА).

„Сите 8 членови на екипажот, за жал, ги загубија животите“, изјави Стефановиќ.

Според неговите зборови, авионот, чиј сопственик е украинска компанија, во 20:40 полетал од Ниш со производи на српската компанија „Валир“.

Авионот се урна вчера во близина на градот Кавала, сместен во северниот дел на Грција.

Грчките медиуми објавија дека во авионот имало 8 луѓе и 12 тони „опасен материјал“, главно експлозив. Локалните официјални лица соопштија дека немаат конкретни информации за товарот.

Од претпазливост поради силниот мирис што се шири на местото на несреќата, Координациониот одбор составен од општински, полициски и противпожарни службеници го повика населението на двете најблиски места да ги држи прозорците затворени во текот на ноќта, да не ги напушта домовите и да носи маски. Власта соопшти дека не знае дали во авионот имало опасни хемикалии.

Официјални претставници соопштија дека пилотот побарал дозвола за итно слетување поради дефект на моторот, но авионот не успеал да стигне до аеродромот. Во еден од моторите на авионот во текот на летот избувнал пожар, за кој се верува дека е причина за несреќата.

You may also like