Министерот за надворешни работи на Туркије (Турција), Мевлут Чавушоглу, оствари средба со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу на својот профил на Твитер напиша: „Со мојот руски колега Лавров, со кого се сретнав на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20, разговаравме за војната во Украина, обезбеденоста со храна и случувањата во Сирија.“

Во соопштението од руското Министерство за надворешни работи се наведува дека Лавров и Чавушоглу оствариле билатерална средба во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 што се одржа на островот Бали, Индонезија.

Се истакнува дека за време на разговорите направена е сеопфатна размена на мислења за меѓународните и регионалните прашања, при што акцент е ставен на ситуацијата во Украина.

„Истакната е принципиелната позиција на Русија за недозволивоста на натамошната западна поддршка за милитаристичките амбиции на режимот во Киев, што ги охрабри украинските власти да се повлечат од претходно постигнатите мировни договори“, се нагласува во соопштението.

Меѓу другото, се истакнува важноста од поголема координација во напорите меѓу дипломатските и воените оддели за осигурување безбедност на цивилите и економските оператори во Украина, вклучително и странците.

Исто така, се нагласува дека двајцата министри се осврнале и на други меѓународни прашања, како што се интеракцијата меѓу Русија и Туркије во Црното Море и во рамките на мултилатералните структури.

Според соопштението, двајцата министри го изразија своето задоволство од динамиката на највисоко ниво на политички дијалог меѓу Русија и Турција во 2022 година.

Наведено е дека министрите повториле дека властите на Русија и Туркије се подготвени да одржуваат блиски контакти, вклучително и тет-а-тет средби.