Либанскиот претседател Мишел Аун најави дека прашањето за демаркација на поморската граница со Израел наскоро ќе заврши.

Двете земји се расправаат за морскиот простор кој е богат со нафта и гас во Медитеранот со површина од 860 квадратни километри, според картите доставени од двете страни до ОН. САД посредуваат за решавање на спорот меѓу нив.

Аун во интервју за либанската ОТВ рече дека „прашањето за демаркација на границата со Израел ќе биде завршено наскоро, Ако даде Бог“, според официјалната новинска агенција.

Тој одговори на прашање велејќи дека решението ќе биде во интерес на Либан и дека тоа „ги задоволува сите“.

 „Двете страни мора да бидат задоволни од решението, кога ќе го постигнеме, инаку тоа нема да биде решение, туку едната страна да има предност над другата“, продолжи тој.

„Верувам дека речиси постигнавме разбирање со Американците, кои посредуваат меѓу нас и Израел“, додаде Аун.

Во средината на јуни, американскиот посредник Амос Хохштајн го посети Либан по пауза во преговорите што траеја повеќе од една година.

Индиректните преговори меѓу двете земји започнаа во октомври 2020 година, под покровителство на ОН и со американско посредство. Беа одржани пет рунди преговори, од кои последната беше во мај 2021 година.

За време на една од рундите на преговорите, либанската делегација претстави нова мапа со која се зголемува поморската област на Либан за 1.430 километри, што беше отфрлено од Израел и доведе до прекин на преговорите.


„Dubai-Portal“