Италија прогласи вонредна состојба во понеделникот за областите околу реката По, која сочинува околу една третина од земјоделското производство во земјата и страда од најголемата суша во последните 70 години.

Владината регулатива ќе им овозможи на властите да ја намалат бирократијата и да преземат итни мерки доколку сметаат дека е неопходно, како што е наметнување контролирана употреба на водата во домовите и деловните субјекти. По е најдолгата река во Италија, тече повеќе од 650 километри низ северот на Италија. Сепак, многу делови од водниот пат пресушија и земјоделците велат дека протокот е толку слаб што морската вода навлегува во внатрешноста, уништувајќи ги посевите.

Владата во соопштението наведе дека вонредните мерки ќе ги опфатат земјите кои граничат со реката По и водните басени на Источните Алпи. Италија прогласи вонредна состојба во пет северни региони: Емилија-Ромања, Фриули-Венеција Џулија, Ломбардија, Пиемонт и Венето, издвојувајќи првични 36,5 милиони евра за да помогне во справувањето со недостигот на вода.

Целта на вонредната состојба е да се управува со моменталната ситуација со вонредни средства и овластувања, како и да се помогне на настраданото население – соопшти владата на Италија. Се додава дека во иднина би можеле да се преземат дополнителни мерки за справување со сушата, за која властите велат дека се повеќе ја погодува централна Италија по екстремно сувата зима и пролет проследена со невообичаено топло рано лето.

Италијанските медиуми објавија дека премиерот Марио Драги, исто така, размислувал да назначи комесар за координирање на одговорот на сушата, слично на тоа како владата формираше комесар за надгледување на кризата со коронавирус.

Нулта точка/медиуми