Без батерии нема електромобилност, а германската државна агенција за суровини (ДЕРА) најавува дека нивното производство може да биде загрозено до крајот на деценијата.
Според нивните очекувања, со зголемување на производството на батерии за автомобили до 2030 година, може да дојде до глобален недостиг на литиум, главната суровина за производство на модерни батерии за автомобили, но и мобилни телефони, лаптопи… ДЕРА пресмета дека во 2030 година светската потрошувачка на литиум би можела да биде помеѓу 316.000 и 558.800 тони.
Во 2020 година, светското производство на литиум изнесуваше 82.000 тони, од кои само 50 отсто се со доволна чистота за да се користат за производство на батерии, пишува Autoklub.
За да се задоволат зголемените потреби на автомобилската индустрија, производството на литиум треба да се зголеми седумкратно во следните седум години, што е тешко остварливо, со оглед на тоа што производството стагнира на нивоа меѓу 80 и 100 илјади тони во последните четири години. Австралија во моментов е најголемиот светски производител на литиум. Во 2020 година, 49 отсто од вкупното светско производство доаѓа од нивните рудници. Чиле е втор со 22 отсто, Кина произвела 17 отсто, а Аргентина 7,5 отсто. Така, индустријата за литиум е главно базирана во само четири светски земји, што може да биде дополнителен проблем. Рециклирањето на батериите треба да ја намали потребата од нови извори на литиум, но тоа е сè уште во повој и моментално има само неколку такви пилот проекти во светот. Од овој проблем особено ќе биде погодена европската индустрија.
Прогнозите велат дека со најголеми можни напори, Европа до 2030 година ќе произведува 34 отсто литиум за сопствени потреби, додека рециклирањето би донело максимум 10 отсто. Остатокот треба да се увезе. Најголемиот европски производител на литиум моментално е Португалија со околу 1 процент од светското производство. Претходно, многу производители на автомобили изразија стравување дека до 2025 година може да има глобален недостиг на батерии за електрични автомобили, пишува Autoklub.









