Директорите на големите француски енергетски компании денеска ги повикаа поединците и компаниите веднаш да ја ограничат потрошувачката на енергија, со цел да се подготват за енергетската криза која се наѕира.
– Мораме да работиме колективно на намалување на потрошувачката, за да го вратиме просторот за маневрирање – изјавија извршните директори на Engie, EDF и Total во отвореното писмо што го објави неделникот „Journal di Dimanche“.
Писмото, потпишано од Кетрин Мек Грегор од Енџи, Жан Бернард Леви од ЕДФ и Патрик Пујана од Тотал Енерџис, зборува за остар пад на испораките на руски гас, како и за ограниченото производство на електрична енергија поради проблеми со одржувањето, пишува Ројтерс. Франција има за цел да ги наполни своите складишта за гас до почетокот на есента, изјави во четвртокот премиерката Елизабет Борн.
Магацините за гас во земјата во моментов се полни 59 отсто. Француските медиуми во март објавија дека владата преговара со Тотал енерџи за зголемување на капацитетот за примање течен природен гас (ЛНГ), откако Соединетите Држави изјавија дека се подготвени да ги зголемат испораките за Европа. – Преземањето активности ова лето ќе ни овозможи подобро да се подготвиме на почетокот на следната зима, особено за зачувување на нашите резерви на гас – се наведува во писмото на менаџерите на енергетските компании.
Се додава дека напорите за ограничување на трошењето треба да следат веднаш и да бидат „колективни и масивни“. Тие, исто така, ги наведоа сопствените напори да најдат нови извори на гас и да изградат пловечки терминал за течен природен гас (LNG) во пристаништето Авр, на северот на Франција.
ZeroPoint / Вести









