Дводневниот самит на БРИКС, неформална меѓународна асоцијација која ги вклучува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, беше отворен во четвртокот под кинеско претседателство. Агендата на состанокот во видео формат вклучува промоција на глобалниот развој, дискусија за светските проблеми, како и проширување на БРИКС со привлекување нови држави, пишува руската Независимаја газета.
Според весникот, глобалната криза ги поттикнала членовите на БРИКС да ја интензивираат соработката во рамките на групата и да ги прошират врските на асоцијацијата. Според кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, проширувањето на БРИКС ќе помогне да се зголеми влијанието на асоцијацијата и да придонесе за одржување на светскиот мир. По средбата, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Саудиска Арабија и Аргентина се заинтересирани за приклучување кон БРИКС.
„Клучното образложение на Аргентина за приклучување кон БРИКС е дека таа веќе има воспоставено силна соработка со секоја од земјите-членки на асоцијацијата, воспоставувајќи ги основите за идно учество. Во исто време, аргентинската економија може органски да се вклопи во економиите на БРИКС со својот агро-индустриски комплекс и значајни минерални ресурси“, рече Наилија Јаковлева, руски професор кој ја познава Јужна Америка. Покрај тоа, БРИКС формираше нова развојна банка која нуди заеми на членовите. Експертот додаде дека пристапувањето на Аргентина може да ги отвори вратите на БРИКС за другите големи земји во развој, како Мексико и Индонезија. Како можни кандидати за приклучување кон БРИКС често се наведуваат Уругвај, Иран, Египет, Гвинеја, Тајланд и бројни постсоветски земји, пишува рускиот весник.









