Неодамна, едно видео стана виралноо, на кое се гледаат двајца индиски полицајци како тепаат група муслимани кои беа уапсени по протестите минатиот петок.

Видеото првпат го сподели Шалаб Трипати, избран функционер на владејачката партија Бхаратија Џаната (БЈП). За видеото го искористи натписот „повратен подарок за бунтовниците“.

На снимката се гледа група муслимански мажи кои плачат и молат за милост додека се тепани од полицијата.  „Не господине, не господине, ве молам, боли“, се нивните зборови.

Облечен во бел мантил во видеото е 24-годишниот Саиф. Тој беше еден од десетиците муслимански мажи кои беа  приведени од полицијата минатата недела.

Неговото семејство изјави за „BBC“ дека тој го напуштил својот дом околу 17 часот по локално време минатиот петок за да резервира автобуска карта за пријател пред да биде уапсен од полицијата. Тие рекоа дека Саиф дури и не учествувал на протестот и дека е невин. Засега партиските функционери не реагираат на снимката.

Насилни протести избувнаа во неколку држави низ Индија минатиот петок поради неодамнешните запаливи забелешки дадени од двајца членови на БЈП, Нупур Шарма и Навен Џиндал за Пејгамберот Мухаммед с.а.в.с, Шарма беше суспендиран, а Џиндал беше избркан.

Двајца тинејџери беа убиени за време на муслиманските протести во источна Индија минатиот петок, откако полицијата отвори оган во градот Ранчи, каде што Хиндусите исто така организираа контрапротести. Не е јасно дали жртвите биле убиени од полицијата или од демонстрантите.

Полицијата ширум Индија уапси стотици демонстранти за учество во насилни демонстрации и уништување имот.

Во Сахаранпур, куќите на некои од обвинетите за учество во протестите беа урнати од властите. Полицијата соопшти дека домовите биле изградени незаконски.

Засега, владејачката партија побара од своите членови да бидат внимателни кога зборуваат за религијата на јавните платформи, но експертите велат дека оваа контроверза се чини дека само ги заматила водите и домашно и глобално за Индија.

[embedyt] https://www.youtube.com/watch?v=dWPSn1T9Wz4[/embedyt]