Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Мевлут Чавушоглу, по средбата со српскиот колега Никола Селаковиќ рече дека регионалната соработка во ова чувствително време треба да биде многу повеќе во прв план, кое тие и ја охрабруваат, и најави скорашна посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу во текот на денот во Белград разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерката Ана Брнабиќ, со претседателот на Парламентот, Ивица Дачиќ и со својот српски колега Никола Селаковиќ.

„За време на овие средби имавме можност да разговараме и за посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, планирана за наредните недели“, рече Чавушоглу.

Тој истакна дека на средбите во Белград се разговарало и за регионалните прашања и ситуацијата во Босна и Херцеговина.

„Изразивме подготвеност да одржиме трилатерална средба Туркије – Србија – Босна и Херцеговина“, рече Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија потсети дека се разговарало и за дијалогот меѓу Белград и Приштина и истакна дека Туркије го поддржува патот на Србија кон членство во Европската Унија.

„Србија е важен актер во однос на регионалната стабилност“, рече Чавушоглу.

Тој додаде дека регионалната турнеја што ја започна во Белград ќе ја продолжи со посети на Охрид, Загреб, Сараево и Приштина.

Зборувајќи за односите меѓу Туркије и Србија, Чавушоглу рече дека денеска потпишаниот договор за заедничка борба против шверцот со културни богатства дополнително ги зајакнува односите меѓу двете земји.

Потсети дека минатата година бил отворен Генералниот конзулат на Република Туркије во Нови Пазар и дека продолжуваат активностите за отворање конзуларно претставништво во Ниш, и рече дека на овој начин се проширува мрежата на конзуларните служби во Србија.

Истакнувајќи дека економските и трговските односи меѓу Туркије и Србија се во пораст, Чавушоглу рече дека целниот обем на трговска размена го поставиле двајцата претседатели, Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, на 5 милијарди долари.

Тој рече дека во првиот квартал од 2022 година обемот на трговската размена меѓу двете земји е зголемен за 31 отсто.

Чавушоглу истакна дека турските инвеститори во Србија за десет години го зголемиле обемот на инвестиции од еден милион на 300 милиони долари и се заблагодари на претседателот на Србија и на Владата на оваа земја за поддршката што им ја даваат на турските инвеститори.

Како што рече, се разговарало и за соработка во областа на енергетиката.

Чавушоглу потсети дека постојано се зголемува бројот на туристи од Србија кои ја посетуваат Туркије и обратно.

Тој изрази очекување дека бројот на српски туристи во Туркије годинава ќе достигне 300.000.

Изрази надеж дека бројот на туристи ќе се зголеми со регулативата за патување со лични карти меѓу Туркије и Србија, со што бројот на земји во овој контекст ќе се искачи на шест, а во моментов таква практика постои и кон Турската Република Северен Кипар, Молдавија, Украина, Азербејџан и Грузија.

Потсетувајќи дека на 23 декември „Туркије Хава Јолари“ започнала директни летови на релација Белград – Анкара, Чавушоглу рече дека „Ер Србија“ лета од Ниш и Кралево до Истанбул и изрази надеж дека ќе се зголеми бројот на летови.

Укажувајќи на важноста од развивање на односите во областа на културата, Чавушоглу потсети на бројните активности на Институтот „Јунус Емре“ и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

По Србија, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе ги посети Северна Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.