Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесувајќи му дека Турција нема да го промени ставот за членството на Шведска и Финска во алијансата додека овие земји не и дадат писмени гаранции на Анкара во борбата против тероризмот. „За време на разговорите, претседателот Ердоган ја истакнал потребата од чекори на Шведска и Финска за решавање на легитимните грижи на Турција.

Претседателот истакна дека напредокот во овој процес е невозможен без писмените заложби на овие земји во однос на промената на парадигмата во борбата против тероризмот и соработката во одбранбената индустрија“, се вели во соопштението од кабинетот на Ердоган.

Претходно вчера турскиот лидер повтори пред парламентот дека ставот на Анкара за членството на Шведска и Финска во НАТО нема да се промени додека овие земји не го сменат ставот кон тероризмот. Ердоган на 18-ти мај изјави дека Анкара нема да го поддржи влезот на Шведска и Финска во НАТО додека не ја дефинираат својата позиција за терористичките групи, вклучително и Курдистанската работничка партија, која Турција ја смета за терористичка организација.