Иран „опасно“ се приближува кон крајот на својата програма за нуклеарно оружје и наскоро ќе има нуклеарна бомба во својот арсенал.
Тоа денеска го предупреди израелскиот премиер Нафтали Бенет. Бенет ги повика Велика Британија и нејзините западни сојузници да се спротивстават на таа блискоисточна земја и да продолжат да вршат притисок врз нејзината програма за нуклеарно оружје, пренесува Дејли Мејл.
Коментарите на Бенет уследија по повеќемесечниот „ќорсокак“ поради застојот на разговорите чија цел беше обновување на нуклеарниот договор на Исламската Република Иран со светските сили во 2015 година. Тензиите остануваат високи на поширокиот Блиски Исток поради пропаѓањето на договорот, бидејќи американските санкции и растот на глобалните цени на храната ја задушуваат нестабилната економија на Иран, ставајќи дополнителен притисок врз неговата влада и нејзиниот народ.
Зборувајќи за Дејли Телеграф оваа недела, Бенет предупреди дека Иран „збогатува ураниум со невидена брзина и е опасно блиску до освојување на нуклеарно оружје“.







