Европратениците на пленарна седница на Европскиот парламент денеска изгласаа автомобилите и комбињата со мотори со внатрешно согорување да не се продаваат од 2035 година.
Одлуката е дел од политиката за намалување на емисиите на стакленички гасови, пишува Politico.
Европратениците го поддржаа конечниот извештај за ревидираните закони за емисии на CO2 за возилата со 339 гласа „за“, 249 „против“ и 24 воздржани. Законот е клучен дел од европскиот план „Fit for 55“ и ги повикува производителите на автомобили целосно да ги намалат емисиите до 2035 година, со привремени чекори во 2025 и 2030 година. Конечниот правен текст сега треба да се разработи во разговорите со Советот. Министрите за животна средина треба да ја потпишат својата верзија на законот на самитот во Луксембург на 28-ми јуни.
Алтернативниот амандман за кој се залагаше на седницата Европската народна партија би поставил цел за намалување на емисиите до 2035 година на 90 отсто без јасен датум кога ќе се забранат моторите со фосилни горива, но предлогот беше одбиен, а „построгиот“ беше прифатен. Партијата на зелените жестоко се спротивстави на планот. Автомобилската индустрија игра витална улога во европската економија, со 7% од бруто домашниот производ на Унијата и вработувајќи 14,6 милиони луѓе. Сепак, транспортот е и единствениот сектор во кој растат емисиите на стакленички гасови, а патните возила учествуваа со 21% од емисиите на CO2 во 2017 година во ЕУ.









