Украинските бегалци во Бугарија, кои досега беа сместени во хотели во бугарските одморалишта на Црното Море, сега треба да ги напуштат пред да почне туристичката сезона. Се жалат дека бугарските власти не им кажуваат каде ќе ги сместат. Минатата недела околу 16 илјади Украинци ја напуштиле Бугарија.

Анастасија Зајцева чека со своите две мали деца пред хотел во одморалиште на Црното Море, кое го нарекуваше дом од март, да се качи на автобус на ново патување до непозната дестинација, откако избега од војната во Украина, пишува Ројтерс.

Таа е една од десетиците илјади бегалци кои бугарските власти се надеваа дека ќе ги преселат до крајот на мај поради намалувањето на субвенциите и почетокот на летната туристичка сезона, период кога бизнисите на црноморскиот брег заработуваат најголем дел од приходите.

Зајцева нема свои пари, па оваа 35-годишна жена и многу како неа се потпираат на бугарските власти да ги преселат, дури и ако немаат поим каде ќе завршат.

„Ги проверуваме нашите емаилови цел ден и чекаме некаква информација“, рече Заицева од Кременчук во централна Украина, додека стои пред хотелот Мелиа Сани бич во срцето на најголемото бугарско црноморско одморалиште.

„Имам малку пари, но не се доволни за целосно да ги обезбедам децата. Загрижена сум каде ќе нè пратат. Ми треба градинка, училиште, услови за децата и некоја болница“, рече Зајцева, чиј сопруг останал во Украина да се бори.

Повеќе на РСЕ